Во периодот од 28 јули до 3 август годинава, Управата за јавни приходи спроведе 214 теренски контроли за фискализација низ државата, со фокус на туристичките места и трговските објекти со зголемена летна фреквенција.
Контролирани биле ресторани, кафулиња, шанкови на плажи, продавници, хотели, паркинзи и други субјекти.
Неправилности биле утврдени кај 66 субјекти, или 30,8% од вкупниот број. За нив се изречени соодветни глоби, а за три субјекти, два од Охрид и еден од Струга, е донесена мерка за привремена забрана на работа поради повторено неиздавање фискални сметки.
Најмногу контроли и прекршувања се евидентирани во Охрид и Струга – извршени 126 контроли, утврдени 29 неправилности.
Во Скопје се утврдени 4 прекршувања, во Тетово 13, Куманово 5, а остатокот се распределени во Прилеп, Гостивар, Штип, Неготино, Кавадарци, Велес и Демир Капија.
УЈП апелира до сите даночни обврзници да постапуваат совесно и во согласност со законите, нагласувајќи дека издавањето фискални сметки е основа за фер и транспарентно деловно работење.











