„Уставот не предвидува никаква можност за разрешување на уставен судија ниту од страна на законодавната, ниту од извршната власт“. Ова е ставот на Уставниот суд по најавата од ДУИ дека ќе поднесат интерпелација и за уставните судии во пресрет на расправата за Законот за употреба на јазиците.
Укажуваат дека, институтот „интерпелација” предвиден во членот 72 од Уставот, во никој случај не се однесува и не може да се примени за уставните судии.
Во спротивно, се губи смислата на постоењето на овој суд и се прави тешка повреда на Уставот со упад во четвртата т.н.уставно-судска власт, во самостојноста и во независноста на Уставниот суд.
Уставниот суд како орган на Републиката кој ја штити уставноста и законитоста, не подлежи на начелото на поделба на власта. Уставотворецот го поставил Уставниот суд над трите власти затоа што тој е контролор на нивните постапки, акти и дејствија. Самостојноста и независноста на уставните судии имаат најсилна уставна гаранција. Уставот не му дозволува на Собранието со законски решенија да влијае на нивните надлежности, начинот на избор и престанокот на функцијата. Овластувањето на Собранието завршува со моментот на избор на уставните судии, соопштија од Уставен.
Судиите нагласуваат и дека, основите за престанок на функцијата на уставен судија се предвидени во членот 111 од Уставот. Секоја постапка или дејствие преземено надвор од оваа уставна одредба би претставувало грубо кршење и повреда на уставните гаранции за самостојноста и независноста на Уставниот суд.
Најавата од ДУИ следи по изгласаните интерпелации на членовите на Судскиот совет завчера. Тие, пак, и покрај тоа, немаат намера да си поднесат оставка на функциите.
Изгласаната недоверба ја толкуваат како упад во судството, додека мнозинството тврди дека Собранието има право на тоа затоа што се именувани на функциите токму од пратениците.
Овој нивен став, за премиерот е уште еден доказ дека се партиски послушници без интегритет.
Американската амбасадорка беше воздржана во коментарот за последните случувања.
Доколку не си поднесат оставки, судиите ќе останат во Судскиот совет додека не им истече шестгодишниот мандат.
Најбрзо ќе си замине Миљазим Мустафа, кој има мандат до јули. На Весна Дамева и на Селим Адеми мандатот им завршува за 9 месеци, а Павлина Црвенковска има мандат до декември 2026 година.
Најдолго ќе остане Тања Чачарова Илиевска, чиј мандат истекува во декември 2027 година.
Далиборка Демјанска Цветановска











