Траги од ДНК на обвинетиот Велибор Манев се најдени на самолепливата лента која била искористена да се замолчи 14-годишната Вања Ѓорчевска по нејзиното грабнување на 27 ноември, минатата година. Ова е еден од доказите на обвинителството кои денеска се изведуваа во Кривичниот суд.
Над 200 материјални докази презентираше обвинителката Жаклина Крстевска Јосифовска која рече дека анализата утврдила дека на лентата имало мешани траги од ДНК, од кои едните биле на девојчето, а другите, со голема веројатност одговараат на Манев.
Од непосредна близина било пукано во Ѓорчевска, а нејзиниот егзекутор се наоѓал зад неа и надесно. Имало остатоци од кал на нејзините чевли и траги од кал на нејзините колена што укажуваат дека била на влажен терен. При обдукцијата на телото на девојчето бил најден проектил со калибар од 9 милиметри и немало траги од задушување.
И 74 годишниот Панче Жежовски бил убиен со истрел во главата. Двете убиства биле извршени со куршуми со ист калибар. Во близина на местото каде ќе биде убиен и закопан Жежовски на периферијата на Велес ќе биде најдена и чаура од куршумот. Вештачењето ќе утврди дека куршумот бил произведен од „Сувенир” во 2002 година.
Двете жртви претрпеле тешко психичко страдање со силен интензитет. Психијатриското вештачење на обвинетите, според обвинителката Жаклина Крстевска Јосифовска покажало дека тие биле пресметливи.
На доказите на обвинителството приговараше првообвинетиот Љупчо Палевски кој се товари дека е организатор на грабнувањата и извршител на убиствата. Доказите не укажуваат дека има мои папиларни линии, односно отпечатоци од прсти, изјави Палевски пред судот. На што судијата Ивица Стефановски му посочи дека ако има таков доказ ќе биде истакнат.
Палевски уште еднаш посочи и дека нема докази дека тој комуницирал со Александар Ѓорчевски, таткото на девојчето кое е обвинет дека помогнал во нејзиното грабнување. Обвинети во случајот се и Влатко Кешишев и Боре Видевски. Сите на почетокот на судењето се изјаснија за невини за делата за кои се обвинети.
Инаку на претходните рочишта беше откриено дека Кешишев ќе ја однесе полицијата до местото каде ќе биде закопано девојчето, а Манев до местото каде ќе биде убиен Жежовски.
Претходно на рочиштата искази даваа и сведоците на обвинителството. Судењето треба да продолжи со сослушување на сведоците на одбраната.
Марија Митева











