Не чувствувам одговорност. Eднаш набавив терапија на своја иницијатива, а биолошка терапија се земаше на реверс, бидејќи пациентите не смеат да останат без медикаменти. Ова беа дел од договорите на екс-директорот на Клиниката за Онкологија, Никола Васев пред собраниската анкетна Комисија, каде денеска одговараше на прашања на пратениците. За КАТО системот тврдеше дека ги известил институциите, исто како и за состојбата со лекови на Клиниката. Немал информации дека лекови се препродаваат на црниот пазар или им се дава физиолошки раствор на пациентите, освен за случајот со медицинска сестра.
Пратениците го прашуваа за новите во ревизорскиот извештај, начинот на кој се набавувала терапијата и причините, како и за веледрогеријата Пановски и за отсуството на стручен Колегиум.
Кога станува збор за стручниот колегиум за определување на биолошка терапија, Васев потврди дека немало, но дека ниту еден пациент не бил вратен односно не бил ускратен од биолошка терапија.
Набавувањето на лекови на реверс гo правдаше со недостаток на лекови за пациентите кои веќе почнале да ја примаат терапијата.
На прашањата на пратениците околу фаворизирањето на веледрогеријата Пановски при набавка на лекови, Васев одговори дека во времето кога тој раководел со Клиниката, 40 отсто од лековите потекнувале од таа компанија додека сега тој процент изнесува 70 отсто. За КАТО системот тврдеше дека ги известил надлежните во министерството а нефункционирањето го оправда со некомпатибилност на софтверскиот систем со интерниот.
Огнен Чанчаревиќ











