На голем екран во судницата во Идризово, еден по еден, беа изведувани извештаите од обдукцијата за жртвите од пожарот во „Пулс“. За најголем број беше констатирано дека починале од насилно задушување заради труење со јаглерод моноксид, смртта кај четири настапила поради притисок на градинот кош, тројца поради недостаток на кислород, а еден поради термички оштетувања на дишните патишта.
Додека во затемнетата судница се читаа имињата на младите луѓе и причините за нивната смрт, се слушаа и воздишките и плачот на родителите. Обвинителката Наташа Сарамандова на одбраната ѝ достави и дополнителен одговор на прашања од судска медицина кои биле поставени во наредбата за вештачење. Овој документ не беше прочитани во судницата. Обвинителството најави образложение од вештакот. Но, дел од адвокатите открија дека во него има податоци дека кај дел од жртвите бил пронајден алкохол, дрога или цијанид. На паузата реагираа родителите дека досега ваков доказ не бил презентиран и дека недозволиво е да се користи за обвинување кон жртвите.
„Сметаме дека изнесувањето на вакви тврдења, без јасни, проверени и официјални докази, претставува сериозно и недозволиво обвинување кое сериозно го нарушува достоинството на починатите и дополнително ја продлабочува болката на нивните семејства. Дури и хипотетички да постои присуство на одредени супстанции, тоа не е причина за смрт во ваков настан, ниту може да ја релативизира одговорноста за трагедијата. Нашите деца не починаа од консумација на алкохол и дрога. Причината за смрт, согласно досегашните наоди, е поврзана со вдишување чад, токсични гасови и услови кои довеле до задушување и тешка интоксикација“, изјави Александар Наунов, родител на починато дете.
Родителите чекаат вештакот од судска медицина да дојде во судницата и да одговори на сите дилеми, како и за сомнежите дека имало присуство на водороден цијанид кај нивните деца и дека тоа влијаело за смртта.
Изгореници, скршеници, нагмечувања, инхалаторни повреди, оштетување на видот… Ова се дел од повредите кои можеа да се слушнат во судницата. Се читаа околу 220 потешко и полесно преживеани млади луѓе во пожарот во „Пулс“.
Денешното рочиште започна со барање на одбраната Дејан Јованов Деко да му биде укинат притворот поради здравствени причини. Неговата адвокатка побара човечност и непристрасно одлучување на што бурно реагираа родителите, а судијката бараше смирување на атмосферата.
Елена Ивановска Мукоска











