Граѓаните обединети околу иницијатива „Стоп за Вардариште“ и ова попладне одржаа протест и го блокираа мостот „Близнаци” меѓу скопските општини Аеродром и Гази Баба. Велат дека надлежните немаат слух за нивните барања за почист воздух и одговорност за штетата по здравјето на луѓето. Протест на истата локација се одржува веќе 15 дена.
„Тука сме за да покажеме дека граѓаните на овие општини се трујат не само од неодамнешните пожари, туку со години наназад, депонијата која треба да биде затворена функционира, а секоја вечер околу полноќ се чувствува лоша миризба. Бараме од Министерство за животна средина и Град Скопје, општините Гази баба и Аеродром и инспекторатите да делуваат согласно нивните надлежности“, велат граѓаните.











