Сите трошоци за лекување на повредените од пожарот во Кочани, како и трошоците за патување, сместување и тековни трошоци на членовите на нивните семејства се покриени од буџетот, уверува Владата. Во однос на постојаните иницијативи за собирање хуманитарна помош, министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски вели дека е нормално луѓето да сакаат да помогнат, но оти државата ги покрива буквално сите трошоци. Дипломатско-конзуларните претставништва, пак, се задолжени за логистичка поддршка, како превоз, превод на документи или комуникација со болниците.
„Однапред, ние го резервираме хотелот, ние ги купуваме авионските карти, ги информираме дека за еден мобилен телефон ќе се покријат целокупните сметки во делот за роамингот и сите трошоци што ќе ги акумулираат. Граѓаните добиваат пер дием, или условно кажано дневница, средства што им се потребни секојдневно за некои тековни трошоци што настануваат“, изјави Тимчо Муцунски, министер за надворешни работи и надворешна трговија.
Во моментов, има 115 повредени од пожарот од Кочани кои се лекуваат надвор од земјава. Владата покрива трошоци за по двајца членови од семејствата на повредените. Директорот на Службата за општи и заеднички работи во Владата, Ивица Томовски вели дека досега се згрижени 188 членови семејствата на повредените, за да бидат со своите најблиски.
„Свесни сме дека оваа трагедија носи и неочекувани финансиски тешкотии. Затоа, како институција вклучена во овој процес донесовме одлука на секој настрадан да му биде исплатена сума од 150 илјади денари, како итна финансиска помош за покривање на почетните и секојдневни трошоци. Оваа помош ќе се реализира преку Црвениот крст на Република Македонија. Во моменти како овие не постојат зборови што може да ја ублажат болката, но постојат дела што може да покажат дека не сте сами“, вели Ивица Томовски, директор на СОЗР.
Здравствените власти велат дека ова не е здравствен проблем што ќе се реши за една или две недели. Битката за опоравување на повредените допрва претстои и оти претстои повеќемесечно лекување.
Срѓан Стојанчов











