Власта и мнозинството во Собранието ги повторуваат пораките од Брисел дека Македонија никогаш не била поблиску до ЕУ, а усвојувањето на уставните измени е услов за продолжување на преговорите. Опозицијата, пред се ВМРО-ДПМНЕ жестоко се противи на уставни измени под, како што ги нарекува, бугарски диктат.
Овие две позиции на најголемите партии беа спротивставени и во вечерашната Топ Тема на Телма.
Зошто предвреме да се откажуваме кога сме на самиот праг, кога никогаш не сме имале поголема поддршка ниту од ЕК, ниту од сите земји членки, ниту од САД, сите ни кажуваат дека сега е моментот. Ама ние зарди тоа што се сомневаме за тоа што ќе се случи подоцна, не сакаме да прифатиме, оцени пратеничката од СДСМ, Даниела Колева, додавајќи дека сите земји членки изоделе трнлив пат до членството во ЕУ.
Но, ВМРО-ДПМНЕ не се согласува.
Ниту една од 27-те земји членки нема изодено ваков трнлив пат каков што имаме изодено ние. Прво беше привремената референца на името, па потоа беше сменето знамето, па прифатете ја територијалната поделба, па охридскиот рамковен договор, па променете го името, за сега ова да е најнов услов, рече пратеникот Бојан Стојановски.
За заглавувањето на процесот Колева го обвинува опозицискиот лидер Христијан Мицкоски, кој според неа несериозно се однесува.
Во текот на изминатите години претседателот на ВМРО-ДПМНЕ навистина покажа едно несериозно однесување. Во текот на еден ден или една седмица, неколку пати ги менуваше изјавите. Прво побара да бидат поставени неколку услови, резолуција имаа предложено ВМРО-ДПМНЕ, се прифати, побараа влада без ДУИ, им се даде, тој одби, поканет е на не знам колку средби, не доаѓа. Сега имаат нова покана за да се изгласа, пак не прифаќаат. Во еден ден да се даде изјава дека САД е наш најголем стратешки партнер и во истиот тој ден да се каже дека Ескобар дошол да врши тортура овде и притисок на опозицијата, навистина е несериозно за еден политички лидер, и тоа во еден ден, обвини пратеничката Даниела Колева од СДСМ.
Според Стојановски, ВМРО-ДПМНЕ бара да има заштитен механизам дека оваа отстапка ќе биде последната.
Ние не смееме авантуристички и егзибиционистички, како сега, да влеземе во ваков процес па потоа министерот за надворешни работи Бујар Османи сам да даде изјава дека согласно секојдневната политичка динамика во Бугарија, може да очекува и дополнителни ограничувања на нашиот пат кон ЕУ. Ајде да направиме некој механизам каде што нема да се преговара на две маси, да преговараме на една маса според Копенхашките критериуми. Да не разговараме на две маси каде што потоа вечно ќе бидеме уценувани за некои историски прашања, бидејќи во самата преговарачка рамка се вметнати билатералните прашања како никоја друга земја која што пристапувала кон ЕУ, рече Стојановски.
Спроед него, ако сакаме да го надминеме овој проблем мора да се интервенира во преговарачката рамка, односно во Членот 5, Алинеја 4, која се повикува на Договорот за добрососедство во Членот 12, каде што се внесени овие прашања.
Ако ние влеземе во оваа авантура без да направиме соодветен механизам на заштита, дека ова ќе биде последното барање од бугарската страна, тогаш ние вечно ќе заглавиме во нашите преговори. Нормално дека никој нема да ни даде гаранции ако самите не се заштитиме, порача Стојановски.











