„За само четири години како министер, Бујар Османи трчаше 11 пати на средби во Белград, а ниту еднаш во Приштина. Се сретна повеќе пати со српските власти отколку со косовските. Во Скопје го пречека и рускиот министер Сергеј Лавров, а беше и редовна „кореографијата“ на прошетките и вечерите со Александар Вучиќ. На Албанците им понуди само селфи-дипломатија, заглавени европски интеграции и маркетинг за себе“, реагираат од ВЛЕН.
Од таму сметаат дека Бујар Османи бил посреќен со српски дипломати околу себе, отколу со свои сограѓани од Чаир. „На никого му нема помогнато, на никого од Чаир му се нема најдено, на никого му нема одговорено на телефон. Во Чаир, Бујар нема помогнато за ниту едно ново училиште, го немало кога се граделе улици и пробивале булевари, го немало кога се правеле градинки и игралишта“, велат од ВЛЕН.
Реакцијата на ВЛЕН следува откако ДУИ вчера објави дека Бујар Османи ќе биде нивни кандидат за градоначалник на скопската општина Чаир на локалните изб ори на есен.
Османи пак на Фејсбук напиша: „Не се работи за функција. Оние кои ме знаат, добро знаат дека сѐ што правам, во секој предизвик влегувам искрено, влегувам целосно, без никакви задршки. На Чаир му се потребни промени – вистински, длабоки и човечки промени“.











