Високите температури го зголемија бројот на пациенти со цревни инфекции на Инфективната клиника. Станува збор за болести кои најчесто се внесуваат преку храна, во која што се размножени бактерии и нивните токсини во таа храна. Симптомите се манифестираат преку гадење, повраќање, покачена телесна температура и како компликација на сето тоа дехидратација. Со оваа симптоматологија на дневни ниво за амбулантски преглед има над 30 пациенти.
„Сите возрасни групи може да ги нападне оваа болест и нема граница на која возраст би се појавило. Едноставно секој што ќе дојде во контакт со неисправна храна, може да ја добие оваа инфекција. Ги имаме сите возрасни категории, но, сепак, највулнерабилни се малите деца и возрасните, постарите лица кои најчесто ги хоспитализираме поради тежината на клиничката слика и поради компликациите и дехидратацијата“, изјава доктор Иван Видиниќ од Клиника за инфективни болести.
Граѓаните треба да бидат внимателни во изборот на храна која секогаш треба да биде свежо подготвена и веднаш да се конзумира. Да не се остава да стои на собна температура што е олеснителна можност за размножување на бактериите. Секогаш темелно да се мие зеленчукот и овошјето и да се внимава каква вода се пие.
„Што е исто важно, кога се патува во странство или надвор од градот да се внимава и каква вода се пие. Тоа да биде само од извори кои се проверени или ако не сме сигурни да се користи само флаширана вода за пиење“, додава доктор Видиниќ.
„Најлоша компликација на овие болести е дехидратација, губиток на течности. Мора да се внесуваат доволно течности за да не дехидрира организмот, затоа што таа дехидратација ги прави сите несакани компликации кои доведуваат до електролитен дисбаланс, губиток на течности од организмот и сите несакани последици кои ние ги лекуваме овде. Да се држи организмот во добра хидратација, постојат тие орални рехидратациони раствори кои можат да се најдат во секоја аптека, па и во продавница кои што ќе бидат доволни за да се одржи балансот во организмот додека се укаже адекватна медицинска помош“, додава доктор Видиниќ.
Видиниќ со совет до граѓаните да не ги потценуваат првите симптоми и секогаш да ја имаат на ум превенцијата во однос на тоа што е безбедна храна и високо ниво на хигиена.
Нина Стефанова











