Во најфреквентниот дел од денот со почеток од 16 часот ќе започне најавениот протестен марш за чист воздух. Протестот ќе започне од Министерство за животна средина и просторно планирање, ќе продолжи пред Собранието, а маршот ќе заврши пред Владата.
Организаторите „Зелен хуман град“, кои обединуваат 23 граѓански организации велат дека го организираат протестот бидејќи секоја година од 3.000 до 5.000 луѓе во Македонија ги губат своите животи како директна последица на изложеноста на штетните честички PM2.5. Ова претставува 17,7% од вкупната смртност во државата. Особено загрижувачки е фактот дека едно од девет починати деца под една година го губи животот поради загадениот воздух, посочуваат од Зелен хуман град.
Тие бараат од надлежните институции, итно и системско справување со загадувањето на воздухот преку имплементација на ефикасни мерки кои ќе го заштитат здравјето на граѓаните и драстично ќе го намалат аерозагадувањето.











