Во ќелијата на првообвинетиот Дејан Јованов, сопственик на дискотеката „Пулс“ во Кочани, каде во пожар на 16 март загинаа 63 лица, а над 200 беа повредени, бил пронајден мобилен телефон со СИМ-картичка, информира Судот.
Судијката Дијана Груевска Илиевска на почетокот на денешното рочиште соопшти дека станува збор за телефон „Нокиа“, пронајден во притворската ќелија на Јованов во затворот во Куманово, при што му изрече опомена и предупреди дека следниот пат ќе бидат забранети посетите.
Денешното рочиште започна со половина час задоцнување поради доцнење на еден од бранителите, а предвидено е сослушување на тројца сведоци – законски застапници на оштетените.
На претходното рочиште започна доказната постапка со сведоци на обвинителството. Сите обвинети изјавија дека не се чувствуваат виновни, иако дел од нив изразија сочувство до семејствата на жртвите.
Во воведното излагање, обвинителот Борче Јанев истакна дека судењето треба да утврди лична и институционална одговорност, нагласувајќи дека трагедијата е резултат на системски пропусти и недостиг на контрола, а не само на употребата на пиротехника. Одбраната, пак, ја оспори основаноста на обвинението, тврдејќи дека трагедијата произлегла од институционални, а не од индивидуални пропусти.











