Вчитување реклама ...
Generic selectors
Exact matches only
Search in title
Search in content
Post Type Selectors

Во пресрет на бојкотот, надлежните го гледаат дијалогот, а не примена на законите како решение

/

пред 623 дена

Сподели преку :

Одлуката за замрзнување на цените која министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши најави дека ја чува во фиока, засега останува таму. Граѓаните утре повторно ќе ги бојкотираат маркетите, државата ќе има помал прилив на пари во буџетот на основ на ДДВ, а надлежните и натаму ќе ги чекаат пазарната инспекција и Комисијата за заштита на конкуренција да им соопштат што откриле во контролите и кој и како ги качува цените на производите, неопходни за нормален живот и функционирање на граѓаните.

„Одредени субјекти на шпекулативен начин се обидуваат да генерираат огромни приходи на грбот на граѓаните. Ова нема да го прифатиме и нема да го толерираме. Како ќе постапиме понатаму, ќе ве известам на брифинг. Подготвени сме и ќе ги земеме сите мерки и алатки кои ни се на располагање како Влада за д ги спречиме овие појави“, изјави министерот Дурмиши.

Засега нема информација што открила контролата на Пазарната инспекција, која ја најавија и министерот и премиерот, како и за резултатите на клучната Комисија за заштита од конкуренција.

„Целокупниот процес се контролира. Ќе контролираат колкав е процентот на маржата ставен од трговците, дали таму е интервенирано и врз основа на тој извештај кој ќе го добиеме од Државниот пазарен инспекторат, како Влада ќе ги преземеме мерките кои треба да се4 преземат“, објасни Дурмиши.

Премиерот Мицкоски повторно повика на дијалог за решавање на проблемот, а прстот го впери и во трговците кои продаваат лекови и бела техника како и економски оператори кои ја злоупотребувале својата положба на пазарот, без да прецизира кои.

Граѓаните остануваат на ставот, утре бојкот ќе има, а Владата мора да најде начин како да ги стави цените под контрола.

Стопанската Комора, чии членки се дел од големите трговци и маркети, соопшти дека направила анализа според која во креирање на цените, односно поскапувањето, главна улога имале добавувачите и производителите, а не трговците, бидејќи супермаркетите работеле со просечна профитна маржа од 0,83%, а производителите и дистрибутерите во просек остварувале 4,32% додека некои добавувачи имале профитни маржи над 13% а супермаркетите под 3%.

Според Државниот завод за статистика, во последните три години храната поскапела за 36 проценти. Основните продукти како лебот поскапел за над 40%, месото над 36%, млекото, сирењето и јајцата за 39 отсто, овошјето за 33 отсто, а зеленчукот за над 44 проценти.

Огнен Чанчаревиќ