Стотици изморени Палестинци носеа вреќи со брашно од камион што влезе во Газа преку преминот Зиким. Додека некои успеаја да донесат помош, други се вратија празни, а некои починаа при обидот. Очевидци велат дека камионите ги удирале луѓето, а израелските војници пукале кон толпата која се обидувала да стигне до конвојот со храна.
Палестинецот Мохамед Хамами, од бегалскиот камп Ал-Шати, раскажува за стравот и насилството, но и за желбата да донесат храна за своите деца.
„Донесов брашно за децата. Се колнам во Бога дека неколку дена не сум земал брашно. Влеговме по смртта, близу до тенковите, и ги видовме војниците, а тие пукаа во нас, пукаа со ракети и куршуми. Погледнете ги младите мажи, сите вреќи брашно имаат крв на нив. Сите вреќи брашно што младите мажи ги имаат крв на нив. Слушајте, го носиме ова за нашите деца, го трпиме за нашите деца“ вели Палестинецот Мохамед Хамами.
Во израелските воздушни напади вчера се убиени најмалку 53 лица додека барале помош. Израелската војска тврди дека пукала предупредувачки истрели како одговор на „непосредна закана“ и дека не знае за жртви.
Израелските одбранбени сили денеска најавија воведување на тактичка пауза областите меѓу кои ал-Маваси, Деир ал-Балах и градот Газа.
Најавуваат дека секојдневно, од 06:00 до 23:00 часот, ќе бидат обезбедени безбедносни рути за конвоите на ОН и други хуманитарни организации за дистрибуција на храна и лекови до населението во Газа.
Објавата доаѓа по засилен меѓународен притисок и по предупредувањата од повеќе од 100 хуманитарни агенции дека Газа е на работ на масовен глад. Според Министерството за здравство на Газа, досега повеќе од 125 луѓе починале од неухранетост, меѓу нив 85 се деца.











