Директорот на Државниот санитарен и здравствен инспекторат издаде налог за вонреден инспекциски надзор во Општата болница во Струга, а инспекторите веќе се на терен и ја проверуваат постапката на лекување на 4 годишното дете кое вчера почина во оваа здравствена установа. Извештајот од надзорот се очекува во наредните денови.
Како што соопшти полицијата 4 годишното дете почина вчераутро на детското одделение во Струшката болница, а случајот во СВР Охрид бил пријавен околу 10 часот. Лекарите соопштија дека детето боледувало од церебрална парализа, и имало низа хронични заболувања. Во болница било донесено во исклучително лоша состојба. Безуспешни биле обидите за негова реанимација.
Се работи за тешка форма на церебрална парализа, дете лекувано во повеќе земји, Италија, Турција, Србија, со доста вродени аномалии. Беше донесено утрото во тешка општа состојба. Беше хоспитализирано на одделение, започнавме со терапија, но по 15 минути дојде до влошување на состојбата, со прекин на дишење, застој на срцева акција. Почнавме со реанимација, дадено беше се по протокол, повикавме анестезиолог, но, по 40 минути безуспешна реанимација констатиравме смрт, рече др. Влатко Мицкоски, началник на Детското одделение во Општа болница Струга.
ДСЗИ треба да утврди дали има пропусти во постапката на лекувањето на 4 годишното дете, а може до министерот за здравство да иницира постапка за стручен надзор во струшката болница.
Емилија Мисирлиевска











