Вчитување реклама ...
Generic selectors
Exact matches only
Search in title
Search in content
Post Type Selectors

Вреди чека да види до каде е соработката на Таравари со ДУИ, а Алијанса порачува – не сме политичка декорација туку суштински фактор во Владата

/

пред 532 дена

Сподели преку :

Лидерите на Вреди со порака до премиерот – да се види до каде е соработката на Таравари со ДУИ, за потоа да се одлучува како понатаму, за владиниот состав.

Ден по средбата на претседателот на Владата и министерот за здравство, тројцата лидери на Вреди вчера седнаа на заедничка маса со Мицкоски.

Средбата се одржа без никаква најава за медиумите, со непотврдени и неофицијални информации до доцна вечерта.

Потоа, владини извори кратко брифираа – средбата беше конструктивна, во пријателски и партнерски дух. Како теми на разговор беа посочени реформските прашања, борбата против криминалот и промените на системот оставен од претходната власт.

А, од Вреди се децидни – лидерите зборуваа за Таравари и за функционирањето на коалицијата.

„Лидерите на ВЛЕН воочиле дека станува тешко функционирањето во заедничка владина коалиција со Арбен Таравари, бидејќи преку него во Владата влијае и ДУИ. Сѐ додека Таравари има контакти со ДУИ и остава простор за соработка, дури тоа го кажува јавно, за ВЛЕН се отежнува соработката во Владата, а тоа дополнително ќе се изрази на претстојните локални избори“, велат од Вреди.

По средбата Мицкоски – Таравари во понеделникот, од Влада посочија дека разговорите продолжуваат и во текот на месец мај ќе се знае иднината на Алијанса во рамки на власта.

А, вчера вечерта додека премиерот и тројцата лидери разговараа во Влада, не мирувале ниту првите луѓе од крилото на Алијанса за Албанците.

Тие засега остануваат дел од власта, откако ја напуштија Вреди поради расколот кој произлезе од несогласувањата за прераспределба на градоначалнички и советнички позиции на изборните листи.

„Раководството на партијата синоќа едногласно го потврди нашиот цврст став: Алијансата не е политичка декорација, туку суштински фактор во една Влада, што се води од јасни принципи и одговорна визија. Не правиме компромис со достоинството, ќе продолжиме да бидеме веродостоен глас на Албанците и на заедничката иднина што ја градиме“, велат од Алијанса за Албанците предводена од Арбен Таравари.

Во изминатот период, политичките аналитичари констатираа дека доближувањето на Алијанса кон ДУИ, за ВМРО-ДПМНЕ ќе биде „црвената линија“ која не може да се помине, но Таравари сега има право сам да преговара со Мицкоски и да остане дел од Владата, откако се разиде со останатите лидери на Вреди.

Петар Догов