Со плакати во рацете со натпис „До кога веќе?“ „Фалсификат“ и извици „Крадци“ вечерва пред зградата на Републичката изборна комисија на Србија, се собраа граѓаните кои обвинуваат за изборен фалсификат и бараат поништување на изборниот резултат. Но, членовите на изборната комисија вечерва не заседаваат поради верскиот празник Св. Никола, па седница е закажана за утре. Врз старата општинска зградата, односно седиштето на изборната комисија, која е заградено со метална ограда, вечерва беа фрлени и неколку јајца. Меѓу граѓаните кои бараат да се истражат сомнежите и бројните докази за изборни нерегуларности, најбројни се студентите.
- Имаше многу нерегуларности, како тоа луѓе од Босна да доаѓаат да гласаат. Јас отидов во Ужице на 17-ти декември, значи јас ги почитувам правилата, рече еден студент.
Опозициска партија Слобода и правда објави дека се документирани дека повеќе од 40.000 луѓе кои биле донесени не само од Босна, туку и од внатрешноста на Србија за да гласаат на изборите во Белград. Двајца лидери на опозицијата започнаа штрајк со зградата на РИК барајќи поништување на гласањето во Белград.
Врз основа на заклучоците на ОБСЕ и ОДИХР, за сериозни нерегуларности, за злоупотреба на јавни средства, за медиумска доминација на Вучиќ, како и за негативна кампања и поттикнување страв, денеска заедничко соопштение испратија високиот претставник на ЕУ Жозеп Борел и комесарот за проширување Оливер Вархеји. Ја повикаа Србија „видливо да го подобри“ изборниот процес, а надлежните транспаретно да ги истражат извештаи за нерегуларностите, како во Белград, така и во другите општини. Вархеји и Борел истакнуваат дека правилното функционирање на демократските институции на Србија е сржта на процесот на пристапување во ЕУ.
Соединетите држави денеска ја повикаа Србија да одговори на загриженоста на Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ) во врска со нерегуларностите на изборите одржани во неделата.
Меѓународните мисии рекоа дека имало бројни неправилности групно гласање, полнење гласачки кутии наречено „бугарски воз“ и дека немало многу слобода на говор.
- Видов гласачки ливчиња испечатени на машина за копирање, претходно обележани со машина за копирање, сите тие заедно, значи ова е полнење на гласачките кутии, а тие што го направија тоа го имаа печатот и тоа треба да го испита полицијата, изјави Стефан Шенах, парламентарна мисија на Советот на Европа.
Според прелиминарните резултати и за парламентарните избори на основа на 98,15 отсто обработени гласачки места кои ги објави Републичката изборна комисија, најмногу гласови освоила листата на СНС „Александар Вучиќ – Србија не смее да запре“ – 46,64 отсто. Втора по бројност е проевропската опозициска коалиција „Србија против насилството“ со 23,65 отсто освоени гласови. Третопласирана е листата „Ивица Дачиќ – Премиер на Србија“ со 6,57 отсто. Цензусот го минаа уште три мнозински и пет малцински листи.
Билјана Ставрова











