Американскиот претседател Доналд Трамп поднесе тужба вредна 10 милијарди долари против „Дау Џонс“, компанијата во чија сопственост е весникот „Волстрит џурнал“, и нејзиниот сопственик Руперт Мардок. Причина за тужбата е наводна клевета и кршење на законите за клевета поради напис во кој се тврди дека Трамп му испратил „непристојна“ порака на сексуалниот престапник Џефри Епстајн.
Според весникот, Трамп му испратил роденденска честитка на покојниот финансиер во 2003 година, за неговиот 50. роденден, пред Епстајн да биде обвинет за сексуални злосторства. Трамп тврди дека пораката е „лажна“.
Портпаролот на „Дау Џонс“ изјави дека компанијата стои зад точноста на своето известување.
„Имаме целосна доверба во темелноста и точноста на нашето известување и енергично ќе се браниме од каква било тужба“, се вели во соопштението.











