Резултатите од мострите земени од водоводната мрежа во Гостивар одговараат на законските прописи според испитаните параметри, но се чекаат и анализите на мострите земени од каптажата и од други делови на градот, информираа денес од гостиварската подрачна единица на Центарот за јавно здравје.
До добивање на сите резултати сѐ уште важи воведената забрана за пиење на водата.
„Во саботата зедовме неколку мостри од градската водоводна мрежа што го снабдува градот со вода за пиење и тие одговараат на законските прописи. За другите кои дополнително ги зедовме уште се чекаат резултатите“. изјави д-р Берун Мустафа, раководител на Отсек / ПЕ ЦЈЗ Гостивар
Институтот за јавно здравје заедно со инспекциските служби на Агенцијата за храна и ветеринарство ги прават дополнителните анализи, откако приватната лабораторија која е ангажирана од Комуналното претпријатие, добила наоди за зголемено присуство на манган во водата.
Во релевантноста на тие резултати, се сомнева в.д. градоначалникот на општина Гостивар, Ваљбон Лимани, затоа што анализите на јавната здравствена установа, пак, направени истиот ден се со добри резултати.
Од Центарот за јавно здравје велат дека иако приватна фирма е ангажирања за испитување на водата, сепак тие имаат законска обврска поради што и тие спроведуваат анализи.
„Нашите резултати ги потврдуваме во лабораторија во Лондон. Така што верувам во нашите стручни служби кои ги вршат анализите и знаејќи дека Гостивар не е манганогено подрачје, претпоставувам, јас сега шпекулирам, или се случил некој инцидент или, пак, не се точни резултатите од лабораторијата“изјави д-р Ратко Давидовски, раководител на Одделение за хигиена и здравствена екологија, ЦЈЗ Тетово
Д-р Давидовски објаснува дека манганот предизвикува негативни ефекти врз здравјето доколку се вдишува, или при долгорочно внесување контаминирана вода.
„Манганот е неуротоксичен, но кога се инхалира, кога се вдишува, а преку водата треба да се консумира во многу долг период или инцидентно во огромни количини.“.изјава д-р Ратко Давидовски, раководител на Одделение за хигиена и здравствена екологија, ЦЈЗ Тетово.
Водата за пиење во Гостивар беше забранета во два наврати. На крајот на септември поради присуство на бактерии и во петокот поради зголемени концентрации на манган.
Даниела Билбиловска











