Да се мобилизира општеството во превенција за појавата на Алцхајмеровата болест, побараа од Здружението кое се грижи за пациентите во вакво заболување, на денешното одбележување на Светскиот ден на Алцхајмеровата болест.
Последните студии говорат дека во светот од ова невродегенеративно заболување што ги влошува когнитивните функции, боледуваат 50 милиони граѓани, а до 2050 година таа бројка ќе се искачи до 150 милиони.
Дури 70% болни од деменција , како рана фаза на Алцхајмеровата болест, ќе има во земјите со мал и среден прираст, меѓу кои е Македонија.
Еден од надворешните фактори кој што влијае на појавата на болеста е загадувањето на воздухот со ПМ 2, 5 честичките, кажа проф.д-р Антони Новотни.
„Загадувањето кое што е реалност со години во Македонија од икс фактори, но мораме да знаеме дека науката зборува дека ПМ 2,5 честичките неколкукратно го зголемуваат ризикот за развој на Деменции. Мораме да работиме на решавање на тие основни животни права за живеење во здрава животна средина“ – изјави д-р Новотни, член на Институтот за алцхајмерова болест и невронаука.
Стресот, депресијата и социо- економските фактори, исто така влијаат за појава на Алцхајмеровата болест, со побрзо стареење на мозокот.
Во Македонија трендот на заболувањето порано бил поврзан со повозрасните граѓани, а сега болеста се појавува и кај помладите. Во 2020 година кај 3,4% пациентите е детектирана рана фаза на Алцхајмер, а во 2023 година, процентот е повеќе од двојно зголемен и изнесува 8,4 %.
Доцниме со раното препознавање и дијагностицирање на болеста, со пристап до нови терапии, но и со отфрлање на стигмата која болеста ја носи, кажа претседателката на Здружението.
„Општеството, средината треба да биде отворена за сите лица со Деменција затоа што квалитетот на животот не се мери со меморија. Се мери со емоции, со чувства“ – изјави д-р Габриела Новотни, претседателка на Институтот за Алцхајмерова болест и невронаука.
Во Македонија 24 000 семејства се соочуваат со болеста на нивен член, а оставени се сами на себе. Па, 80% од сопружниците или децата на болните како негуватели се соочуваат со депресија. Актерката Тања Кочовска со солзи во очите раскажа за нејзиното искуство со мајка ѝ и побара отворање Дневни центри и негуватели за болните од Алцхајмер.
„Тие дневни центри што треба да се направат . Имавме еден пријател во Словенија кој вели – Па, ние ова го имаме веќе со години. Значи, сѐ што треба. Имаме посебни лица кои што носат лекови до дома , се грижат за пациентите. Значи, апсолутно немаме ништо!“ – рече Тања Кочовска-Павловска, актерка во МНТ
Министерката за образование која присуствуваше на настанот, ја поддржа идејата образовниот систем да се вклучи во создавање стручни негуватели за болните со Алцхајмер.
Во земјава има такви негуватели, но бројката е недоволна, кажа министерката Јаневска.
Сотир Трајков











