Министерството за внатрешни работи информира дека вчера полициски службеници од ОВР Кичево го лишиле од слобода 18-годишниот Ф.Л. од Кичево, поради сообраќајна несреќа која завршила со трагични последици.
„Околу 06:55 часот на пешачки премин на булевар ‘Ослободување’ во Кичево, Ф.Л. управувајќи патничко возило ‘Цитроен Саксо’ со кичевски регистарски ознаки удрил во пешакот С.Ш. (82) од Кичево, по што го напуштил местото на несреќата. Неколку минути подоцна, во 07:10 часот, тој се вратил без возилото“, соопшти МВР.
Од ударот пешакот се здобил со тешки телесни повреди. По укажаната медицинска помош во кичевската болница, поради сериозноста на повредите бил пренесен во Комплексот клиники „Мајка Тереза“ во Скопје, каде што им подлегнал на повредите.
„Возачот е задржан во полициска станица и по целосно расчистување и документирање на случајот против него ќе биде поднесена соодветна пријава“, додаваат од Министерството за внатрешни работи.











