„Политички фолклор“. Вака претседателот на СДСМ ги коментира заканите на Али Ахмети дека, ако Уставниот суд го допре албанскиот јазик, плоштадите во Скопје ќе бидат полни и ќе се дестабилизира државата.
Генералниот секретар на ДУИ, пак, денеска изјави дека реториката на Ахмети не е заканувачка, но сепак и тој го повтори истиот став.
За премиерот, овие пораки на Ахмети се притисок врз уставните судии. Дебатата се вжешти откако претседателот на Уставниот суд, Дарко Костадиновски најави дека ќе се решава правниот и политички хаос, недовербата и дилемите што настанаа со Законот за јазиците, по извештајот на Венецијанската комисија. Предметот е составен од 13 иницијативи од различни граѓани, политички партии и здруженија. Дел ја оспоруваат двојазичноста, дел постапката за носење на законот, а има иницијатива и за оспорување на целиот Закон.
Забелешките на Венецијанската комисија се дека законот им наметнува нереални обврски на институциите, особено што се предвидува употреба на албанскиот јазик и во судските постапки, кои се формулирани на толку широк начин што сигурно би барале повеќегодишна подготовка да биде целосно спроведена. Комисијата ја повика државата да го преиспита Законот за јазиците и да ги напушти одредбите за двојазичност во судството.
Далиборка Демјанска Цветановска











