Откако претседателката на собраниската комисија за финансирање и буџет, Сања Лукаревска одби да закаже седница за предлог законот за унгарскиот заем од половина милијарда евра, тоа го стори претседателот на законодавниот дом, Африм Гаши.
Овој потег го повлече по неколку часа, откако премиерот Мицкоски кажа дека, и покрај противењето на опозицијата, собранискиот Деловник дозволува Гаши да закаже седница и за законот да се гласа по скратена постапка. Мицкоски го потенцираше тоа, како одговор на неговиот главен политички ривал, Филипче кој најави дека СДСМ ќе го блокира законот, доколку власта не го повлече документот од скратена процедура и повторно да го предложи да оди по редовна постапка.
Опозицијата притоа инсистира на широка јавна дебата, но, без разлика колку амандмани да поднесат, деловникот дозволува законот да се гласа по само тридневна расправа.
Задолжувањето, според Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ), нема јасни критериуми и механизми за распределба на парите, нема јасно утврден систем за контрола на трошењето и има скриени трошоци.











