Над 16.300 домаќинства во Лондон останаа без струја поради голем прекин на електричната енергија, објави добавувачот на енергија „Scottish and Southern Electricity Networks“ на платформата Икс.
Компанијата ги повика сите кои зависат од електрична енергија за медицински потреби и имаат потреба од помош да се јават.
Лондонскиот аеродром Хитроу соопшти дека ќе биде затворен денеска до полноќ по прекинот на струја предизвикан од пожар во блиската електрична трафостаница што го снабдува аеродромот.
„За да ја одржиме безбедноста на нашите патници и колеги, Хитроу ќе биде затворен до 23:59 часот на 21 март“, соопшти менаџментот на аеродромот на Икс, додавајќи дека на патниците им се препорачува да не доаѓаат на аеродромот.
Нема официјални податоци за тоа колку летови до и од Хитроу ќе бидат откажани, но службата за следење летови FlightRadar24 проценува дека може да има најмалку 1.351.
Најмалку 120 летови се веќе на пат кон Хитроу и ќе мора да бидат пренасочени.
Хитроу е најголемиот аеродром во Велика Британија, со околу 1.300 слетувања и полетувања дневно. Низ неговите терминали минатата година поминале рекордни 83,9 милиони патници.
Во меѓувреме, лондонскиот аеродром Гетвик потврди дека нуди поддршка со „прифаќање пренасочени летови како што се бара“.











