Украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска ја обвини Русија за сè поголем тероризам врз цивилите во неговата земја, известувајќи дека најмалку 1.800 беспилотни летала биле лансирани врз Украина во текот на изминатата недела, јави агенцијата ДПА.
Руските сили, исто така, неделава врз Украина фрлија над 1.200 лизгачки бомби и лансираа 83 ракети, рече украинскиот претседател на каналот Телеграм, пренесува германската агенција.
„Русите го зголемуваат теророт врз градовите и општините, за дополнително да ги заплашат нашите луѓе“, напиша Зеленски.
Истовремено, украинскиот лидер ја пофали украинската противвоздушна одбрана.
„Специјално развиените дронови-пресретнувачи неделава соборија стотици борбени дронови „Шахед“, произведени во Иран, а што беа лансирани врз Украина“, рече тој.
Русија неодамна значително ги засили ноќните воздушни напади врз помалиот сосед и речиси секој ден ја напаѓа Украина од воздух.
Русија во средата го изведе својот досега најголем напад со беспилотни летала врз украинска територија, при што Украина пресретна повеќе од 700 дронови.











