Украина чека одобрение од Белата куќа за голем договор за производство на дронови што Киев го предложи минатата година, изјави денеска украинскиот претседател Володимир Зеленски. Предложениот договор меѓу САД и Украина би вклучувал различни видови дронови и противвоздушни системи што функционираат како единствен систем, способен да заштити од роеви стотици, па дури и илјадници дронови и ракети „Шахед“ од иранско производство, рече Зеленски во објава на социјалните мрежи.
„Сè уште немавме можност да го потпишеме овој документ“, рече Зеленски.
Украина е пионер во развојот на евтини системи за уништување беспилотни летала, од кои некои чинат само неколку илјади долари и целосно ги променија правилата на противвоздушната одбрана.
Зеленски истакна дека војната на Блискиот Исток би можела да ги натера американските претставници да го потпишат договорот.
Украина сака да обезбеди идна поддршка од странски партнери за да се спротивстави на руската инвазија, а договорите за производство на дронови би можеле да му дадат на Киев дипломатска предност во преговорите со Москва.











