Засилени инспекциски контроли на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) по востановеното зголемено присуство на колиформни бактерии кај изворска минерална вода по потекло од Република Косово. Секторот за инспекциски надзор даде насоки за зголемено мострирање на наредни 10 пратки на изворските води кои се увезуваат од Косово.
„Исто така би сакал да напоменам дека се дадени насоки за зголемување на интензитетот за контрола и за безалкохолните пијалоци кои што потекнуваат од истата земја поради констатирано зголемено количество на аеробни бактерии кај безалкохолните пијалоци“, изјави Бошко Стојкоски од Сектор за инспекциски надзор при АХВ.
Дали граѓаните можат да бидат спокојни дека таа вода не е пуштена во промет?
„Асполутно, таа вода со зголемено количество на колиформни бактерии, дека тој лот каде што е јавено е под инспекциски надзор се до добивање на лабораториската анализа, потоа се издава инспекциска мерка за нештетно уништување на небезбедниот производ“, уверува Стојкоски.
Водата која се увезува во континуитет се проверува, втората контрола веќе била аларм за она што потоа го покажал лабораторискиот наод.
„Тоа може и да е од извориштето, може да е во производствениот процес на технологијата. Не би можел подетално да навлезаам, но при земање анализа на инспекциско место е востановено зголемено количество на колиформни бактерии“, додава Стојкоски.
Во меѓувреме се засилуваат и инспекциските контроли на АХВ при увозот на овошје и зеленчук, да се мострира секоја пратка за испитување на остатоци од пестициди.
Нина Стефанова











