Во Топ Тема вечерва дебата со пратениците: Бране Петрушевски – ВМРО- ДПМНЕ, Бисера Костадиновска-Стојчевска – СДСМ и Сали Мурати – Коалиција Европски Фронт.
Ќе предложат ли пратениците намалување на коефициентите за нивните и функционерските плати или во март ќе добијат поголеми плати?
Бране Петрушевски од ВМРО- ДПМНЕ рече дека секогаш во собранието се гласало за поголеми плати за работниците, за поголеми пензии.
- Во услови на финансиска консолидација и мерки на штедење двапати беа донесени мерки за намалување на коефициентите и тоа е политичка одлука на владата. Она што мене ме загрижува е тоа што веќе третпат ако влеземе во едно вакво замрзнување на платите ќе се доведеме во колизија со последната одлука на Уставниот суд којшто ја прогласи за неуставна одлуката за замрзнување на функционерските плати на подолг временски период и ни се случи она фамозно зголемување на платите со одмрзнувањето согласно одлуката на Уставниот суд. Оваа дилема и сега е отворена и мислам дека во услови кога имаме одлука на Уставен суд во делот на платите на судиите кои го образложуваат и со меѓународни конвенции и со домашно законодавство дека е спорно, повторно доведува до едно попрецизно размислување дали едно вакво долгорочно замрзнување на платите нема да не доведе до некоја идна ситуација повторно како држава да дојдеме до ситуација да се одмрзнуваат платите и енормно да се зголемуваат платите на функционерите и да имаме повторно незадоволства кај граѓаните, истакна Петрушевски.
Тој рече дека за пратеничката плата, првичниот коефициент бил 3,5% од просечна нето плата во Македонија согласно Завод за статистика, по двапати зголемување сега коефициентот е 2,69% од просечната плата.
- Сметам дека ваквото системско решение поврзано со коефициенти е поправедно. Функционерските плати, не само на пратениците, тука спаѓаат сите избрани именувани функционери, како и платите на судиите и на јавните обвинители за кои веќе сме дебатирале дека треба да бидат зголемени согласно барањата на ЕУ, рече Петрушевски во Топ Тема.











