На избори ќе се оди со постоечкиот Изборен законик и нема да има нов обид за измени. Претседателот на Собранието, Африм Гаши, на брифинг со медиумите информираше дека ниту еден од координаторите на пратеничките групи на денешната координација не најавил нов предлог.
Спикерот вели дека Собранието се обиде да ја искористи последната шанса, а без тоа – ниту јавноста немаше да знае кој ги блокира измените.
Пред една недела пропаднаа измените на Изборниот законик од причина што со гласовите „против“ на ДУИ, немаше Бадентер. Потоа, Државната изборна комисија усвои Правилник со кој се олеснија условите за кандидирање на непартиските кандидати.
„Ќе видиме во меѓувреме ако оваа недела има разговори. Сакавме да ги искористиме сите можности и последната шанса да се донесе тоа. Направивме обид да обезбедиме Бадентер и правевме компромиси со опозицијата. Не свикувам седници за маркетинг. Тој Изборен законик што го имаме, со тој ќе одиме на избори“, кажа претседателот на Собранието, Африм Гаши, на денешниот брифинг.
Откако викендов премиерот Мицкоски ја обвини опозицијата за кроење „тајни планови за хаос на изборите“, спикерот Гаши тврди – „немам информации за такво нешто“. Вели дека има служби во државата кои се грижат за тоа, а до него не допреле ниту неофицијални информации.
Вториот човек во државата денеска информираше и дека предложил Собранието на седница на 12 септември да усвои Декларација за фер и демократски избори. Декларацијата ја дал на увид на сите пратенички групи и чека да ги слушне нивните забелешки. Вели дека истата содржи општи термини, а со неа се повикуваат сите политички чинители да се обврзат дека ќе се придржуваат до законите и ќе придонесат за фер и демократски избори. Според првиот човек на законодавниот дом, важно е Собранието да испрати позитивна порака до јавноста.
Коментирајќи ги најавите на премиерот за „реконструкција“ на Владата по изборите, спикерот вели дека не разговарал со него и тоа прашање се води на ниво на лидери и коалициски партнери. „Штом премиерот поднесе предлог до Собранието за нови министри, согласно роковите предвидени со Деловникот веднаш ќе ја свикам седницата“, вели Гаши.
Годишниот одмор на парламентарците веќе заврши и според најавите на претседателот, Собранието ќе заседава на 2 и 12 септември, со цел да ги донесе законите коишто се на чекање, пред да започне предизборната кампања за локалните избори.
Околу новиот Закон за локална самоуправа, Гаши вели дека ако се постигне консензус, ќе го стави на седница. Ако не, истиот ќе се носи по изборите, со што би пропаднала можноста за отповикување на градоначалниците кои ќе бидат избрани на претстојните локални избори наесен.
Петар Догов











