Андреја Весов, посебениот советник на министерот за правда Игор Филков се повлекол од Програмскиот совет на Академијата за судии и јавни обвинители по рекациите во јавноста од страна на невладините. Филков на почетокот од месецов најави дека ќе го разгледа назначувањето на Весов, но сметаше дека се работи за добар кандидат, со повеќе од 10 годишно искуство како адвокат и со положен правосуден испит за разлика од неговите претходници во програмскиот совет. Сега од Минситерството за правда за Телма велат дека одлуката Весов ја донел за да не се доведе во прашање интегритетот на Академијата за судии и јавни обвинители.
„Андреја Весов нѐ извести дека на 17 .07.2025 година се повлекол од поднесената номинација во Програмскиот совет на Академијата за судии и јавни обвинители. Веруваме дека неговата постапка е израз на лична и професионална одговорност, со цел да не се доведе во прашање интегритетот на самата институција и процесите што таа ги води“, соопштија за Телма од Министерството за правда.
Ден пред неговото повлекување управниот одбор на Академијата за судии и јавни обвинители на седница ја разгледа одлуката за назначување на Весов по што ја задолжи академијата да се обрати до министерството за тоа дали го исполнува условот од законот за кој реагираше и Блупринт групата за реформи. Согласно законот во програмскиот совет, може да биде избран „раководен државен службеник од Министерството за правда со најмалку осум години работен стаж на работи од областа на правосудството, по положен правосуден испит. Но, Весов според невладините не е квалификуван, бидејќи не е државен службеник, туку пособен советник.
Блупринт: Загрозен е независноста на Академијата за судии и јавни обвинители
Дополнително, Блупринт групата реагираше и на политичката поврзаност на Весов и неговата кандидатура за пратеник, што сериозно ја нарушува перцепцијата за независност и непристрасност на Академијата, особено во процесот на избор и обука на идни судии и јавни обвинители. Инаку Весов беше кандидат на ЗНАМ, од каде доаѓа и министерот Филков.
Марија Митевска











