Поранешниот директор на геријатрија Мухсин Арифи и негувателот Блерим Амити пред Кривичниот суд денеска се изјаснија дека не се чувствуваат виновни за примањето на мито од 20 илјади евра за сместување на пациентка во специјализираната болница.
Арифи според обвинението, како првична гаранција ги побарал парите за да ја и обезбеди место на 42 годишната пациентка во тешка медицинска состојба, а Амити се понудил да посредува во предавањето на поткупот и на лице место бил фатен од полицијата.
Обвинителката Искра Хаџи Василева смета дека имаат директни и недвојбени докази за двајцата обвинети и како комична ја оцени одбраната дека не станувало збор за мито туку недорзбирање и дека обвинението е избрзано.
Доказите со кои ние располагаме и кои ќе бидат изнесени пред судот апсолутно не може да остават било каква двојба дека станува збор за недоразбирање при чинот на директно барање на мито и поткуп за дејствија кои директорот морал да ги изврши, изјави Хаџи Василева.
Адвокатот Скендер Мехмети и возврати на обвинителката дека нивна одбрана не била комична и дека треба да ја задржат сериозноста, бидејќи и корупцијата е сериозна работа.
Убедени сме дека преку сослушување на сведоци и презентирање на материјални докази, посебно преку еден доказ кој во текот на постпаката ќе го имате на располагање ќе докажеме дека обвинетите Арифи и Амити немале намера и не можеле да извршат вакво кривично дело кое се претендира да се докаже преку обвинителниот акт, изјави адвокатот Мехмети.
А токму во своите воведни зборови обвинителката Хаџи Василева порача дека случајот е пример за длабоко вкоренета корупција во општеството.
Важно е и она што мене ме охрабрува е што низ еден каток период имаме неколку случаи кои се должат на храброста на луѓе соочени со еден безизлез да остварат право се наоѓаат во ситуација кога некој директно им бара поткуп и соочени со тоа одлучуваат да го пријават, а тоа ни помага на нас како органи на истрагата и како правосудни органи овие чинови да ги докажеме и потврдиме, додаде таа.
Инаку Арифи на крајот очекувал да добие 100 илјади евра откако ќе се продал станот на пациентката од 94 метри квадратни во Капиштец. Случајот во полиција го пријави нејзината старателка која ќе биде и првиот сведок на наредното рочиште. Арифи се гони за примање поткуп, а Амити за примање награда за противзаконито влијание.
Марија Митевска











